Skip to main content
Радио МОФ Подкасти

Радио МОФ Подкасти

By Radio MOF

Сите подкасти на Радио МОФ на едно место
Available on
Google Podcasts Logo
Overcast Logo
Pocket Casts Logo
RadioPublic Logo
Spotify Logo
Currently playing episode

Активисти во борба против „розовиот данок“

Радио МОФ ПодкастиMay 30, 2023

00:00
17:02
Активисти во борба против „розовиот данок“

Активисти во борба против „розовиот данок“

Во светот 28 мај се одбележува како ден на менструална хигиена, и овој ден служи како потсетник за подигнување на свеста и преземање акција до 2030 година секој да може да си дозволи производи за одржување менструална хигиена.

Во Македонија иницијатива за обезбедување на бесплатни производи за менструална хигиена забележавме во 2021 година кога Советот на Град Скопје донесе одлука за издвојување средства за бесплатни производи во средните училишта кои се наоѓаат на територијата на Градот. Сепак, средношколките не го добија ова право во годината што следуваше, учебната 2022/23. Премиерот Димитар Ковачевски во декември лани најави намалување на т.н „Розов данок“ од 15% на 8% за сите менструални производи, но и натаму не се знае како оваа одлука ќе се имплементира и кога ќе биде тоа, па ситуацијата со менструалната сиромаштија како да цупка во место.

Со Јана Коцевска, извршна директорка на Здружението за промоција на женската активност „Тиииит! Инк“. кое заедно со иницијативата „ПЕРИОД.Скопје“  утре (31 мај) ја организира конференцијата „Кршење на табуата: Менструална правда за сите“ во новата епизода на Мегафон разговараме за резултатите од нивното истражување „Менструална правда“ за менструалната сиромаштија и за тоа што треба да се направи за конечна промена на состојбата.

May 30, 202317:02
Кај тера младинскиот активизам

Кај тера младинскиот активизам

По пандемијата, колку младите почнаа да излегуваат на теренски активности? Имаат ли младите потреба од нови простори за здружување? Зошто е заглавен Законот за младинско учество, кој требаше да им помогне на младите во нивниот активизам и социјален развој? Потребна ли е Програма за служба на заедницата во училиштата?

На овие прашања дискутиравме во новата епизода од „Јасно и гласно“.

Соговорници ни беа Мариана Ангелова, генерален секретар на Националниот младински совет на Македонија (НМСМ), Ангел Димитриевски, програмски координатор на Здружението за едукативен развој „Еквалис“ и Михаил Каровски - Натрикс, дел од колективот на Социјалниот центар „Дуња“.

May 30, 202353:37
Учи ли Балканот од својата историја, или вешто ја препишува?

Учи ли Балканот од својата историја, или вешто ја препишува?

Соочување со минатото, избегнувањето на црно-белата перспектива, емпатијата и помирувањето се чини дека се тешки борби на Балканов, место во чија историја се измешани солидарноста и крвопролевањето.


Распадот на Југославија, растот на националистичкиот наратив и војните придонесоа младите на Балканот да растат во мултиетничка, но сепак поделена средина.


Во една ваква состојба регионалното списание „Балкански Перспективи“, поддржано од Форум ЗФД се труди преку своите текстови да отвори прашања кои би помогнале во демократизацијата на Западниот Балкан.


За тоа какви се Балканските перспективи зборуваме со Мартин Филиповски.

May 22, 202339:22
Правосудство или кривосудство?

Правосудство или кривосудство?

Од волшебно застарување на судски случаи против високи функционери, преку чудесни пресуди, до последниот блам со „Играта на тронови“ во Судскиот совет, македонското правосудство скока од скандал на скандал и само докажува дека ја заслужува ниската доверба кај граѓаните.

Во оваа епизода на „Јасно и Гласно“ разговараме за тоа како се најдовме во оваа ситуација, како состојбата во правосудството влијае врз младите и кои се решенијата за подобрување на оваа област.

Разговараме со Лејла Тутиќ, од Коалицијата Сите за правично судење и Гоце Коцевски од Македонското здружение на млади правници.

May 19, 202334:17
Мегафон: Што ќе понуди новата Стратегија за млади?

Мегафон: Што ќе понуди новата Стратегија за млади?

Новата Национална стратегија за млади за периодот од 2023 до 2027 година неодамна беше финализирана и претставена пред јавноста. Следниот чекор е таа да се усвои од Владата и да почне нејзината имплементација, но и фактички да ја замени веќе постоечката стратегија која моментално важи до 2025 година.

Согласно Законот за младинско учество и младински политики, Агенцијата за млади и спорт е институцијата која е задолжена да го спроведе и координира процесот на креирање на националната стратегија, која се изработува во соработка со повеќе страни. Во оваа епизода на подкастот Мегафон зборуваме со Гордана Цекова од Агенцијата за млади и спорт (АМС) за тоа што сѐ опфаќа стратегија, како се планира таа да се спроведе, но и целокупниот процес на нејзината изработка.

May 12, 202320:14
Генерацијата Алфа со еден клик го освојува светот

Генерацијата Алфа со еден клик го освојува светот

Дали се чувствувате како да пропуштате нешто додека сте „offline“?
Ја пропуштате најновата епизода од Youthink подкастот за медиумска писменост во која меѓудругото зборуваме и за Фомо-состојбата, односно стравот од пропуштање на важни настани додека сте исклучени од Интернет.
Оваа состојба сѐ повеќе се забележува кај младата генерација, а во оваа епизода се фокусираме на генерацијата Алфа.
Генерацијата Алфа се децата родени по 2010 година, но она што ги разликува од другите е дека се првата вистинска генерација на деца од 21 век која е родена во целосно дигитално опкружување, а токму технологијата со која се опкружени прави да размислуваат поинаку од другите генерации.
Во шестата епизода од Youthink подкастот ни гостуваат истражувачката Тамара Ќупева, професорката Ирена Христовска и психологот Ана Попризова, авторки на Водичот за медиумска писменост за родители и старатели насловен „Дигиталниот свет на генерацијата Aлфа“.

Apr 20, 202339:55
Ако знаеш да пуштиш музика на телефон, не значи дека си дигитално писмен

Ако знаеш да пуштиш музика на телефон, не значи дека си дигитално писмен

Ако имаме добар смартфон и не ги користиме неговите функции, и тоа што има милион мобилни апликации, а се ограничуваме само за дел од нив, на пример, само за слушање музика или за онлајн обложување, не може да значи дека сме дигитално писмени.

Бојан Кордалов, комуниколог и експерт за солцијални медиуми, во подкастот „YouThink“ зборува за онлајн живеењето, со сите предности и одговорности.  

Според него, ако 90 отсто користиме интернет, а само 10 отсто го користиме на нешто корисно во работата или слободното време, тоа значи дека 80 отсто сме дигитални неписмени.

Кордалов посочува дека наместо да бараме младите да усовршуваат вештини и знаења за да си го олеснат дигиталниот живот, можеби тие треба да ги учат останатите.

„Традиционалните медиуми ретко ги таргетираат младите луѓе и многу малку луѓе креираат програма во традиционалните медиуми. За да дојдат младите во медиумите, но и медиумите кај младите, потребна е стратегија за тие да креираат содржина. Младите може да дадат многу нови форми, кои и пред 15 години кога се појавија социјалните медиуми беа несфатливи, но денеска терминот ‘социјална телевизија’ е многу видлив“, вели Кордалов.

Apr 13, 202334:51
Македонија - европски шампион во хомофобија, ксенофобија и теории на заговор

Македонија - европски шампион во хомофобија, ксенофобија и теории на заговор

Македонските граѓани се меѓу најхомофобичните и најксенофобичните во Европа, а истовремено и меѓу најрелигиозните. Имаат силни авторитарни ставови, не им веруваат во институциите, но не се ниту нешто посебно заинтересирани да учествуваат во демократските процеси за да ги променат работите. Подложни се на теории на заговор, се сомневаат во науката и сметаат дека живеат во држава со лошо образование, лоша економија и лоши политичари.

Ова го покажуваат податоците од неодамна објавеното Европско општествено истражување, во кое за првпат учествуваше и Македонија. 

Во оваа нова епизода на подкастот Мегафон разговараме и ги анализираме податоците од ова истражување заедно со професорката Анета Цекиќ, од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при УКИМ, која е и Национална координаторка на истражувањето.

Mar 30, 202320:54
До каде сме со женските права?

До каде сме со женските права?

„Дали ќе го преживеам ова возење со такси?“, „Дали ќе го преживеам овој месец?“, „Дали ќе го преживеам породувањето?“ се дел од прашањата што во последно време ѝ се актуелни на јавноста, а кои го предводат и слоганот на овогодинешниот осмомартовски Марш за женски права - „Ќе преживеат ли жените овде“.

Во оваа епизода на „Јасно и гласно“ заедно со Ангела Јовановиќ, млада земјоделка, Мерита Мустафи, параправничка во Асоцијација за Демократски Развој на Ромите - „Сонце“ од Тетово и Кристина Ампева, претседателка на здружението „Гласен текстилец“ од Штип, меѓудругото, разговараме за породилното отсуство на земјоделките, почитувањето на женските работнички права, како и можностите за образование на Ромките.

Mar 07, 202339:18
Генерацијата бушави „влагаат“ во филм надвор од комфорот на „Нетфликс“

Генерацијата бушави „влагаат“ во филм надвор од комфорот на „Нетфликс“

Излегувате ли некогаш од комфорт зоната на „Нетфликс“?

Мартин Чичовски, Мила Гроздановска Тодор Стојковски ги знаете од „Генерација бушави“, „Јас не припаѓам тука“ или „Јас не сум пе*ер“. Дел се од независната младинска продукција „Марви“ и снимаат кратки, долгометражни филмови и серии. Велат дека го користат филмот за да го кажат тоа што сакаат да го кажат.

Седмата уметност, филмот, како средство за испраќање пораки е во фокус на четвртата епизода на Youthink подкастот за медиумска писменост.

Со нив зборуваме за се'- како дружбата може да стане филм, како е да се има тоа „жарче“ во себе и да се прати порака до светот, како е да се зборува на теми за кои сите молчат... Зборуваме и колку е токсичен ТикТок и како Нетфликс може да се стане комфор зона.

Слушнете ја четвртата епизода од #Youthink подкастот на Радио МОФ

Feb 25, 202359:07
Млади се вмрежуваат за еднаквост

Млади се вмрежуваат за еднаквост

Активисти од целата држава кои работат на родова еднаквост, ЛГБТИ+ еднаквост и меѓуетнички соживот се здружија во Младинска мрежа за еднаквост, која периодов беше лансирана во склоп на петтиот роденден на Здружението за едукативен развој, Еквалис.

Како оперативно дело на организацијата, мисијата на Мрежата е да ги вклучи младите од маргинални идентитети во процесите на донесување одлуки, да ги елиминира стигмите, предрасудите и стереотипите преку безбеден простор, активизам, лобирање и локална волонтерска работа. 

Оттука, во нашиот тазе #Мегафон ja имаме средношколката Софија Матовска, со која си направивме муабет и која од „прва рака“ ни кажа за Мрежата и нејзините активности. 

Feb 16, 202330:17
Породилно отсуство и за татковците

Породилно отсуство и за татковците

„Потребно да се даде дополнителен поттик за татковците да можат да останат и да се грижат за своето бебе. Дотолку повеќе за работодавачите кои сѐ уште се убедени дека ‘тоа е работа на мајката и нема што тука татковците да се плеткаат’“, вели Маја Атанасова од Македонското здружение на млади правници (МЗМП)

Атанасова е наш соговорник во новиот подкаст #Мегафон, каде зборуваме за предлог-законот за работни односи со кој би се дало можност за породилно отсуство и на татковците. Со новитетите, првите 20 недели ќе ѝ припаѓаат на мајката, за потоа секој од родителите да има по дополнителни четири месеци.

Таа нагласува дека во развиените европски земји ова не е веќе ниту предмет на дискусија. Заради тоа што е прифатен концептот на родова еднаквост, така што и двете страни подеднакво се вклучени во сите овие процеси.

Feb 05, 202320:07
Седма сила или безгласна буква?

Седма сила или безгласна буква?

❗Напади на новинари, директор кој навредува новинарка и поранешен министер во обид да цензурира новинарски текст. Се` ова се случаи само од минатиот месец.

👩‍💻Непријателската и небезбедна атмосфера во која работат новинарите се` повеќе наликува на едни времиња, кои требаше „никогаш да не се повторат“. Паралелно новинарите работат во лоши услови, мета се на притисоци и закани, примаат потпросечни плати и често работат и надвор од своето работно време.

📢За тоа во каква состојба се наоѓа „седмата сила“ во Македонија разговараме со Билјана Петковска од Македонскиот институт за медиуми, Драган Секуловски од Здружението на новинари на Македонија и Дарко Дуридански од Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници 👇

Dec 09, 202237:14
Средношколците „бомбардирани“ со лажни информации додека во училиштата „фрчат“ лажни бомби

Средношколците „бомбардирани“ со лажни информации додека во училиштата „фрчат“ лажни бомби

Лажните дојави за бомби во школите периодов ги збунија средношколците, но можеби уште повеќе ги збунија сензационалистичките медиумски „бомби“ и дезинформациите што доаѓаа од дел од медиумите, а се поврзани со актуелните случувања. Ова беше изразено во текот на целата пандемија.

Младите средношколци се т.н. „дигитални домородци“, живеат на интернет, а  социјалните мрежи ги „бомбардираат“ со наслови кои ги скролаат многу брзо и често ги споделуваат без да прочитаат целосно некоја вест. Па и во случај кога голем број медиуми професионално известуваат, младите врсници меѓу себе си шират дезинформации и полу-вистини, или си играат „расипан телефон“.

Од друга страна, освен што македонските средношколци живеат во време на хиперинформираност, тие живеат и во време кога медиумската писменост конечно почна да влегува во формалниот образовен систем, па затоа за сите овие прашања зборуваме со Лука Павиќевиќ, претседател на Сојузот на средношколците и член на УРА тимот од проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“.

Павиќевиќ во подкастот се осврнува на разни аспекти од медиумската писменост. Каква е одговорноста на младите во онлајн просторот, како се „хранат“ на социјалните мрежи, но и за критичкиот однос и довербата што треба да ја градат кон различните видови медиуми.

Dec 07, 202247:08
Уметноста може да направи позитивни промени, особено во инклузивното образование

Уметноста може да направи позитивни промени, особено во инклузивното образование

Билјана Димитрова е уметник, активист, едукатор, другар. Таа е морален водач на дружината што доаѓа во „Колектив Ветерница“ и „Партизанска Штампа“, еден хибрид на автономен културен центар кој се занимава со перформативни и визуелни уметности, но и во доменот на она што се вика ангажирана уметност.

Работат со деца со типичен и атипичен развој, исто така и со возрасни, а преку активностите се обидуваат да направат база за понатамошен развој на уметностите, генерално.

Во овој Мегафон, Билјана ни раскажува за мисијата на „Колектив Ветерница“, дека уметноста е таа која може да направи позитивни промени, особено во инклузивното образование, а бенефит би имале сите.

Nov 06, 202220:20
Младите од поголемите да се грижат за младите од помалите места

Младите од поголемите да се грижат за младите од помалите места

Скорeшната дискусија по повод новиот Документ за јавни политики „Младинска вклученост во единиците на локалната самоуправа“ од Младинскиот образовен форум повторно ја поттикна темата за младите и нивниот интерес за вклучување во општеството, а застојот во имплемeнтирањето на Законот за младинско учество и младински политики го „сервираше“ на тркалезна маса. 

И по 2 години од усвојувањето на Законот, само во 10 општини има формирано Национален младински совет, а истовремено земјава бележи тренд на намалување на бројот на младо население, односно негово иселување.  Зорана Антовска беше една од учесничките во дискусијата, воедно таа е дипломиран политиколог, а во моментов и студентка на мастер студии по Меѓународни односи, европски интеграции и дипломатија. 

Во оваа епизода на Мегафон разговараме со Антовска за позицијата на младите од помалите населени места и нивната инволвираност и ангажман во општеството.

Oct 31, 202212:57
Како медиумите известуваат за лицата со атипичен развој

Како медиумите известуваат за лицата со атипичен развој

Колку медиумите имаат капацитет да отстапат место во своите редакции за младите со атипичен развој, со разни состојби и попречености? Доволно ли е медумите само со еден текст да го одбележат Светскиот ден на лицата со попреченост, за да ја исполнат должноста кон јавноста за оваа група граѓани? Треба ли медиумите да се фокусираат и на нивните способности и потенцијали, наместо само тажни и пасивни приказни? Дали со тоа што се покриваат лицата на атипичните деца, медиумите вршат дополнителна маргинализација?   

Ова се дел од прашањата на дискусијата „Јасно и гласно“, со која Радио МОФ се приклучува на Деновите на медиумска писменост.  

Како говорници ги имаме Зоран Андонов - новинар и претседател на Здружение за церебрална парализа-Тетово, Марина Тунева - медиумски експерт, вонреден професор на Институтит за комуникациски студии и бивш директор на Советот за етика во медиумите, како и Владо Крстовски - програмски менаџер на Репубичкиот центар за поддршка на лица со попреченост „Порака“.  

Новинар: Бојан Шашевски   

#МедиумскаПисменост #MediaLiteracy #Inclusion #againstdiscrimination

Oct 27, 202235:10
Децата отворено се жалат, но колку внимателно ги слушаме?

Децата отворено се жалат, но колку внимателно ги слушаме?

Неколку инциденти што се случија последниов период, повторно во јавноста го актуелизираа прашањето на проблемот со меѓуврсничкото насилство. Истовремено, според истражувања од невладиниот сектор, учениците ја губат довербата во училишниот психолог.

Тоа претставува генерален проблем бидејќи токму училиштето е местото каде основците и средношколците поминуваат најголем дел од денот.

Како тие се справуваат со булингот на училиште и надвор од него? Колку учениците ја сметаат за достапна можноста за советување и барање помош од училишниот психолог, но колку истата учениците ја сметаат за достапна? Дали работата на психологот се сведува само на советување или е потребен поголем труд за да се зборува со учениците на за нив чувствителни теми?

За овие прашања, во оваа епизода на „Јасно и гласно“ разговараме со Гордана Блажевска Спиридонова, училиштен психолог во скопската гимназија „Никола Карев“, Ивана Илиев, социјална работничка вработена во здружението ХОПС и средношколката Анисија Угриновска, основачка на Организација за дијалог и афирмација на средношколците - ОДАС формирана под мотото „Од учениците за учениците“.

Sep 22, 202244:20
Како младите ја преживуваат кризата

Како младите ја преживуваат кризата

„Младите не сакаат во прво лице да зборуваат за себе како за сиромашни. Второ, немаме каде да ги чуеме младите, затоа што голем дел не се членови на граѓански организации, туку си бркаат своја работа, се обидуваат да направат нешто во животот, да се снајдат. И, во тоа снаоѓање во суштина лежи најголемиот проблем, бидејќи во тоа снаоѓање се губат сите нивни права - и од аспект на вработување, здравство, социјална заштита“.

Билјана Дуковска од Македонската платформа против сиромаштија е нашиот соговорник во новиот подкаст „Мегафон“, каде разговараме за животниот стандард, егзистенцијаните проблеми на младите, како тие преживуваат и се снаоѓаат во економската и енергетска криза.

Со Дуковска дискутираме за младинското учество што „стои на хартија“, отвораме теми за енергетската сиромаштија, но и за семејните последици, нарушеното ментално здравје и губењето вештини на младите.

Исто така, на крајот, зборуваме за мерките и институциите кои треба да ги дијагностицираат и решаваат проблемите на младите.

Sep 08, 202223:20
[ШОКАНТНО] е што медиумите прават за вашиот клик

[ШОКАНТНО] е што медиумите прават за вашиот клик

Сигурно редовно наидувате со содржини и вести кои почнуваат со зборовите „СКАНДАЛОЗНО“, „ШОКАНТНО“ или „НЕВЕРОЈАТНО“.

Но, единствено „шокантно“ е степенот до кој медиумите одат за да го добијат вашиот клик.

Се работи за тактика за привлекување на вниманието на публиката, преку која медиумите се обидуваат да стигнат до повеќе читатели, гледачи или слушатели, што на нив им носи повеќе пари и повеќе влијание.

Во оваа епизода зборуваме за тоа колку е опасен сензационализмот во медиумите, како да го препознаете, но и како да се заштитиме од ваквите содржини.

Разговараме со Огнен Јанески, кој преку повеќе примери од неговото новинарско искуство објаснува како тој ги избегнува замките и се справува со дезинформациите, сензационалистичките вести и медиумските лаги.

#YouThink #МладитеРазмислуваат #МедиумскаПисменост

Aug 17, 202248:53
Млад човек кој излегува од својот информациски „меур“ е способен да прави промена

Млад човек кој излегува од својот информациски „меур“ е способен да прави промена

Дали медиумската писменост значи само вештини за препознавање манипулации од различни медиуми? Колку младите треба да покажат скепса кон дезинформации, но и да излезат од комфорната зона, од својот „меур“ и да ги слушнат ставовите со кои не се согласуваат? Треба ли лична одговорност и етика во офлајн и онлајн светот? Какви реформи се потребни за медиумската писменост да не биде „заглавена“ во неформалното образование, туку да оди рака под рака и во формалниот систем?

За сите овие прашања поразговаравме со Михајло Лахтов, директор на Проектот на УСАИД „Младите размислуваат“, кој од лани тргна во мисија да ја вклучува медиумската писменост во наставните програми и да се едуцираат млади од прво одделение, па се’ до студентите во универзитетите.

Нашиот нов тазе подкаст се вика „YouThink“! И, планираме да тераме со него во следниот период! Нас ни „легна“ муабетот со гостинот, а и се допадна и на нашата мачка, која се најде во студио додека снимавме и имаше свој мини „настап“ :)

#YouThink #МладитеРазмислуваат #МедиумскаПисменост

Jul 01, 202254:44
Без отворени институции нема младинско учество

Без отворени институции нема младинско учество

Младите се незаинтересирани за политичките настани и случувања во земјата. Истовремено сметаат дека воопшто не можат да влијаат врз тоа што и како работат властите, а голем дел од нив досега не биле вклучени од институциите при носењето одлуки. Овие, но и многу други податоци излегоа на површина преку третото истражување „Социо-политичко учество на младите во Северна Македонија“. 

Во новата епизода на Мегафон, зборуваме со истражувачот Мартин Галевски, кој беше еден од авторите на минатотогодишното издание на истражувањето.

Jun 30, 202222:17
Месецот на гордоста ги истакнува победите и препреките на ЛГБТИ+ заедницата

Месецот на гордоста ги истакнува победите и препреките на ЛГБТИ+ заедницата

Јуни е месец на гордоста и славење на правата на ЛГБТИ+ заедницата, а во земјава овој јуни се случуваат и 10 години од одржувањето на автентичниот квир фестивал „Скопски викенд на гордоста“ и третиот марш на гордоста – „Skopje Pride“.  

Оттука во „Јасно и гласно“ зборуваме за напредокот на правата и препреките со кои сѐ уште се соочуваат лицата на ЛГБТИ+ заедницата во екот на среќниот месец кога низ целиот свет одекнуваат слоганите за споделување љубов, прифаќање и овозможување еднаквост.  

Нашите гости во емисијата се Славчо Димитров од Коалиција Маргини / Coalition Margins, воедно куратор на „Skopje Pride Weekend“, Јована Јовановска правна советничка при Центарот за поддршка на ЛГБТИ лицата во Македонија, воедно и дел од организацијата на Skopje Pride и Дејан Сламков водител на шарениот поткаст „Save our Children“.

Jun 16, 202246:40
Што направија независните советници откако влегоа во Советите?

Што направија независните советници откако влегоа во Советите?

Поминаа шест месеци од локалните избори и откако во Советите влегоа повеќе независни советници. Граѓанските иницијативи тргнаа да прават промени, чекор напред кон локалната развојна демократија и проблемите на заедниците. Истовремено да им ја матат водата на партиите, чии активности некаде се покажаа како нефункционални, често со спреги и сплетки, инает кон опонентот или со неодржливи политики за јавниот интерес.  

Оттука, фокусот на оваа дискусија „Јасно и гласно“ е што се случува откако независните советници почнаа со работа, на какви проблеми наидоа, што е направено и на што треба да се работи во иднина. 

Зборувавме со Габриела Илиевска од иницијативата „Поинаку“ од Битола, Јана Белчева од „Шанса за Центар“ и Хамди Сулејмани од „Подобро за Тетово“.

May 27, 202259:27
Промена преку креативен активизам

Промена преку креативен активизам

Креативниот офлајн активизам во последните години донесе ајкули во Вардар и возен ред на галиите што го прикажуваа апсурдот на „Скопје 2014“. Споменикот на дијазепамот ја потенцираше општествената депресија, а кабини за чист воздух се поставуваа низ градот во периодот кога Македонија беше меѓу најлошите светски држави според аерозагадувањето. Во регионите кои најмногу се празнат никнуваа патокази со број на иселени лица, додека некои дрвја буквално добиваа очи за да се скријат од налетите на урбанизација...

Творец на голем дел од овие герила-артивистички акции кои никнуваа низ Македонија изминативе години е Никола Писарев, од Центарот за современи уметности. Тој е еден од првите кој почна да користи креативни комуникации во проектите на граѓанските организации за решавање на различни проблеми на заедниците.

Токму со него во оваа епизода од подкастот „Мегафон“ ќе поразговараме за ваквите артивистички-акции, како начин да се прикажат некои општествени проблеми, но и генерално за активизмот во земјава...

May 12, 202219:10
Буџетските кратења удрија по здравјето на Ромките

Буџетските кратења удрија по здравјето на Ромките

Најмалку 10.000 граѓани од маргинализираните заедници се под здравствен ризик поради намалувањето на буџетот за Програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција. 

Меѓу нив се и Ромките, кои веќе една деценија се соочуваат со немање на гинеколог, како и со недостаток на матични лекари и патронажни сестри. Со буџетските кратења, значително се намалија средствата за бесплатно породување на жените без лични документи, бесплатна фолна киселина и бесплатни прегледи за време на бременоста.

Во новата епизода на „Мегафон“ разговараме со Алмира Фасљии Муарем од Иницијатива на жени од Шуто Оризари за здравствената дискриминација со која што се соочуваат Ромките.

Apr 14, 202216:02
Истражувачко новинарство во „делумно слободна“ земја

Истражувачко новинарство во „делумно слободна“ земја

Во моментите кога јавноста е затрупана со партиски соопштенија, дезинформации, „клик-бејт“ наслови на социјалните мрежи и вистинска експлозија на портали кои презентираат сè само не добро новинарство, ретки се светлите примери на новинари кои расветлуваат теми кои моќниците сакаат да останат скриени, професионалци кои се жртвуваат за вистината и се обидуваат да го одбранат јавниот интерес.

Со Ирена Каревска и Ивана Настеска, две млади новинарки кои изминатиов период ги добија највисоките признанија во Македонија за истражувачко новинарство, во новата епизода на „Јасно и Гласно“ разговараме за проблемите и предизвиците во нивната работа, но и за тоа на кое ниво е новинарството во земјава.

Apr 13, 202226:59
Студентите ем дискриминирани, ем не пријавуваат

Студентите ем дискриминирани, ем не пријавуваат

Дури третина од студентите почувствувале дискриминација на своја кожа, а скоро 7% од идните академски граѓани пријавиле дискриминација на нивниот факултет. Поразително е и тоа што само 8% од студентите знаат дека на факултетите има постапка за пријавување дискриминација.

Ова се податоци од истражувањето на МОФ за студентската перцепција на дискриминација, во кое беа анкетирани студенти од четирите најголеми државни универзитети.

За тоа колку дискриминацијата е присутна во високото образование и како студентите реагираат на оваа појава во оваа епизода на „Јасно и Гласно“ дискутираме со:  Софија Георгиевска, професорка на Филозофскиот факултет при УКИМ и авторка на истражувањето, Теа Мицевска, студентска правобранителка на УКИМ и Елена Петровска, од Мрежата за заштита од дискриминација.

Mar 22, 202236:42
Патешествието на Стефан и Вероника кои избегаа од бомбите во Украина

Патешествието на Стефан и Вероника кои избегаа од бомбите во Украина

4 часот наутро во Украина одекнуваaт силни експлозии со кои почнува воениот напад на Русија. Звуците ги буди Стефан Ангеловски и неговата девојка Вероника, кои во тие моменти се наоѓаат во Одеса.

Воената инвазија врз Украина ги натера да избегаат од државата и да се вратат во Скопје. Сега тие се на безбедно, но им следуваат нови предизвици – што понатаму? Во новата епизода на „Мегафон“ разговараме со Ангеловски за нивното искуство откако започна инвазијата и враќањето кон дома.

Mar 02, 202208:49
Училиштата - промотори на инклузија или дискриминација?

Училиштата - промотори на инклузија или дискриминација?

Има ли некаква одговорност по основа на дискриминација за малата
Ембла? Овој случај беше изолиран, или е еден од многуте во
македонските училиштa? Кој е коренот на дискриминацијата во школите?
Треба ли поголема едукација за кадарот, подобри услови и буџети во
училиштата, за тие да бидат промотори на инклузија, а не на
дискриминација?

На овие прашања зборуваме во новата дискусија „Јасно и гласно“, овој
пат со фокус на дискриминацијата во образованието за лицата со
атипичен развој.

Соговорници ни се Исмаил Камбери од Комисијата за спречување и заштита
од дискриминација, потоа Сузана Стојановска од Здружението „Доза
среќа“ и мајка на дете со Даунов синдром и Данче Тодоровска, специјален
едукатор и рехабилитатор од Здружението „Креатива Исток“.

Feb 24, 202242:48
Секцијата за млади на ЗНМ - протест против состојбите во новинарството

Секцијата за млади на ЗНМ - протест против состојбите во новинарството

„Младинската секција не е само секција, туку е и протест против состојбите во медиумите. Само добро тренирани и високо мотивирани новинари можат да одговорат на својата работа во општеството. А, тоа е да бидат чувари на вистината“

Вака Сашка Цветковска од Истражувачката репортерска лабораторија Македонија (ИРЛ) ја објаснува потребата од Секцијата за млади на Здружението на млади на Македонија (ЗНМ). Идејата за Секцијата е зачната уште пред некоја година, а сега веќе таа е официјално формирана и промовирана во јавноста.

Во новиот аудио подкаст „Мегафон“ слушнете за Секцијата која цели да го афирмира новинарството како атрактивна професија, од причина што денес има се’ помалку интерес за влез на млади луѓе во медиумите.

Feb 18, 202217:08
Младинските прашања во Собранието

Младинските прашања во Собранието

Младинските прашања и политики многу ретко заземаат место на седниците во законодавниот дом. Интересот за нив е мал, иако има напредок во споредба со изминатите години, забележува младата пратеничка Моника Зајкова.

Младите пратеници кои треба да ги застапуваат овие тематики се исто така во мал број. Тие од 2017 година се обединија во неформален Клуб кој функционира при Собранието. Во него членуваат десетина млади пратеници од различни партии, на возраст до 35 години, меѓу кои е и Зајкова.

Ова според неа, е можност да се носат натпартиски решенија кои ги засегаат младите. Токму за можностите на Клубот и младинските прашања поразговаравме со младата пратеничка.

Слушнете го новиот Мегафон на Радио МОФ!

Jan 18, 202212:39
Каде се младите во приоритетите на новата Влада?

Каде се младите во приоритетите на новата Влада?

Устите на политичарите и функционерите често се полни со ветувања за младите. Сепак, во пракса, многу малку од овие заложби вистински и целосно се реализираат.

Пред гласањето на новата Влада, во ресорите кои се важни за младите, повторно има промени и на чело на овие институции доаѓаат нови луѓе и нова неизвесност во која насока ќе се движат овие институции.

Во оваа епизода на „Јасно и Гласно“ дискутираме за тоа каде се и каде треба да бидат младите во приоритетите на следната извршна власт.

Наши гости се Марија Крстевска, претседателка на НМСМ, Блажен Малески – истражувач во „Реактор“ и Кристијан Фидановски – политиколог и докторанд на Универзитетот во Оксфорд.

Jan 14, 202235:21
Колку тежи животот без документи - разговор со Александра Ефремова

Колку тежи животот без документи - разговор со Александра Ефремова

Пред една деценија, во Северна Македонија за прв пат е препознаен проблемот на лицата без документи. Оттогаш постапката за решавање на проблемот на овие лица започнува, но и се одвива многу бавно. Во меѓувреме, лицата без документи немаат право на здравство, образование, вработување, а немаат ниту социјални права.

Во последниот повик се регистрирани ситно над 700 граѓани без документи во земјава, а се претпоставува дека бројката е поголема. Во 2020 година, беше донесен нов Закон за неевидентирани лица во матична книга на родени, но неговото спроведување беше одложувано.  

Која е разликата помеѓу обичен и посебен матичен Извод, колку немањето на лични документи го отежнува секојдневието и што државата треба да направи објаснува Александра Ефремова од Македонското здружение Млади правници.

Dec 20, 202123:44
Мегафон: Што е заедничко за дезинформациите и тортата?

Мегафон: Што е заедничко за дезинформациите и тортата?

Дали денес ќе понесете чадор со себе или не, или како во иднина ќе гласате за локална и државна власт, може значително да зависи од фактот колку сте подлoжни на дезинформациите.

Преку интересна паралела помеѓу приготвување торта и создавање на една дезинформација, Александра Теменугова од Институтот за комуникациски студии објасни што значи овој феномен во медиумскиот свет и како тој може да влијае во општеството.

Слушнете го новиот Мегафон на Радио МОФ!

Nov 29, 202120:08
Сајбер хигиена

Сајбер хигиена

Возможно ли е да го избришиме нашиот сајбер отпечаток? Како да се заштитиме од потенцијален сајбер инцидент? Која е врската помеѓу сајбер безбедност и демократијата? На овие и на уште неколку други прашања зборувавме со Гоце Арсовски од организацијата Метаморфозис, кој има долгогодишно искуство во оваа област.

Слушнете го новиот Мегафон на Радио МОФ!

Oct 29, 202116:34
Зошто гласаме на локални избори

Зошто гласаме на локални избори

Колкава е платата на градоначалникот, а колку зема советникот? Што работат тие и дали имаат работно време? Зошто да гласаме на локални избори и колку се тие важни? Во очи на локалните избори, на оваа тема разговараме со еден од омилените доценти на Правниот факултет во Скопје - Марко Кртолица. Слушнете го новиот Мегафон на Радио МОФ!

Oct 14, 202113:53
„Digislavia“ - Да се бавиш со уметност на Балкан е активизам само по себе

„Digislavia“ - Да се бавиш со уметност на Балкан е активизам само по себе

„Digislavia“ е дигитална галерија на која може да се откријат  уметници од Балканот, но и пошироко. Основана е од Марко Аврамовски, кој поттикнат од немањето на физички галерии каде младите уметници ќе може да ги изложуваат своите дела, решава да отвори своја дигитална галерија.

Радио МОФ разговараше со Аврамовски за андерграунд балканската култура, уметноста и активизмот, потребата за соработка помеѓу младите уметници и можностите кои ги нуди интернетот.

Aug 06, 202115:08
Што е муабетот со донирањето органи?

Што е муабетот со донирањето органи?

Пред точно една година, во 2 часот и 43 минути по полноќ, на Државната клиника за кардиологија во Скопје се случи првата трансплантација на срце во земјата. Тим од хирурзи пресадија срце на почината пациентка чие семејство се согласи да го донира на друг пациент кој веќе чекал донор.

По оваа трансплантација следуваа уште неколку други, а со тоа се отвори и прашањето колку јавноста е информирана за постапката на донирање органи и колку отворено се зборува на темата. Затоа, седнавме и поразговаравме со Маја Мојсова Мијовска, Национална координаторка за трансплантација за да ни појасни што е муабетот со донирањето органи.

Jun 30, 202105:30
Се надевам дека ќе ја заокружам мојата кариера со светски медал – разговор со каратистката Симона Заборска

Се надевам дека ќе ја заокружам мојата кариера со светски медал – разговор со каратистката Симона Заборска

Каратето те прави силна и истрајна личност во секое поле од животот, вели Симона Заборска во новиот подкаст на Радио МОФ.

Таа е најуспешната македонска каратистка на Европското карате првенство за сениори што се одржа во Пореч, Хрватска, каде го освои седмото место. Со тоа доби шанса да учествува на квалификациониот турнир за претстојните Олимписки игри.

Во каратето е активна веќе 20 години, почнувајќи во Клубот „Макпетрол“.

„Овој спорт бара посветеност и откажување од многу работи. Успесите доаѓаат кога се вежба со ентузијазам и љубов кон спортот“, посочи Заброска.

Но, што значат за неа овие достигнувања, како пандемијата влијаеше врз спортистите и кои се нејзините желби за следните натпревари, слушнете во новиот подкаст кој го подготвија Георги Божиновски и Самра Ѓурѓевиќ.

Jun 28, 202113:26
За младинските политики

За младинските политики

Што се тоа младински работници, зошто се важни, но и што предвидува новиот Закон за млади во врска со новите младинските центри и луѓето кои ќе работат во нив? Последниот „Мегафон“ за оваа сезона го посветивме на младинските политики. Во него зборуваат Драган Атанасов од Сојузот за младинска работа, Катерина Поповска од здружението „Сфера“- Битола и Владимир Костовски, генерален секретар на Сојузот на извидници.

Jun 14, 202109:16
„Лице в лице" со Валентин, детето фантом

„Лице в лице" со Валентин, детето фантом

Валентин Ракип има 19 години и е продавач на списанието „Лице в Лице“. Има шест браќа и сестри, а во слободно време сака да спортува - да вози ролерки или велосипед. Но, Валентин е дете фантом - тој нема лични документи, па не може да заврши средно образование, да има матичен лекар и да патува. За тоа како е да си дете фантом во земјава, слушнете во овој подкаст.

Jun 11, 202109:53
Пркосот на младите на ENGAGE 2021

Пркосот на младите на ENGAGE 2021

Во пандемија, под протоколи, но со голем ентузијазам, се одржа десеттото, јубилејно издание на Конференцијата за социјален активизам ENGAGE. Младите активисти му пркосеа на времето во кое живеат, на стравот и на апатијата, но уште еднаш покажаа дека во земјава има луѓе кои сакаат да ги променат работите и не се плашат од неуспех. Во овој „Мегафон“ со нив зборуваме за тоа кој e мотивот зад нивниот активазам и што е потребно да направат младите за нивните идеи да не останат само желба, туку да бидат реализирани. Во него ги имаме Борче Стаменов од иницијативата „Донирај компјутер“; Александра Манолчева од „Ways2Help“; Стефан Алексиќ од „Challenger“, Петар Антевски од „Пресврт“ и Денис Јанкуловски – Космонаутко.

Jun 06, 202107:25
Се уморија ли граѓаните од протестирање?

Се уморија ли граѓаните од протестирање?

„Стоп за полициска бруталност“, студентските демонстрации, Шарена Револуција... Години подоцна, дали и колку се исполнија очекувањата на граѓаните кои чекореа по македонските улици и бараа промени?

Со нас во оваа епизода на Јасно и Гласно се луѓе кои директно беа вклучени во граѓанските движења во тој период. Со Ирена Стеријовска, Александар Донев и Борјан Ѓузелов разговараме за тоа дали граѓаните се разочарани од состојбите во општеството, но и за тоа дали очекуваат да се појави нешто ново што ќе ги придвижи граѓаните да излезат на улица.

Jun 03, 202155:39
Протести, активизам и политика - 10 години од случајот со Мартин Нешкоски

Протести, активизам и политика - 10 години од случајот со Мартин Нешкоски

„Алфашизам“, „Убијци“, „Живот не се враќа“, „Стоп за полициска бруталност“.  

Ова се извиците што пред 10 години одекнуваа по скопските улици. Протестите дојдоа откако  вечерта на 5 јуни, 2011 година, партијата ВМРО-ДПМНЕ славеше победа на парламентарни избори. На скопскиот плоштад се случуваше и „Баскерфест“, чија публика сведочи за брутално убиство на 21-годишниот Мартин Нешкоски, претепан до смрт од дотогаш непознатиот припадник на полициските тигри, Игор Спасов.

Случајот што го посветуваме на овој „Мегафон“, беше своевиден зачеток на движењето #Протестирам. Остави траги за граѓанска мобилизација, донесе надеж за протестната култура, но и разочарувања со судската и политичка разврска. 

Разговараме со адвокатот и активист Јанаки Митровски, новинарката што прва пишуваше за случајот Моника Јовановска и активистот Александар Митров.

Jun 02, 202111:53
До каде сме со прифаќање на ЛГБТ луѓето во нашето општество?

До каде сме со прифаќање на ЛГБТ луѓето во нашето општество?

Инспирирани од последниот извештај на најголемата ЛГБТИ организацијата ИЛГА – Европа, тема на денешната дискусија „Јасно и гласно“ е (не)прифаќањето на ЛГБТИ луѓето во нашето општество. Кои се проблемите на оваа навистина разнолична група, со какви предизвици се соочуваат, но и колку навистина се почитуваат основните човекови права на луѓето со различна сексуална ориентација или родов идентитет.

Гости во оваа емисија се Елена Петровска од Коалиција Маргини, Зорица Николова, психолог и менаџерка на Сигурната куќа за ЛГБТИ лица и Давид Тасевски, псиголог и извршен директор на Субверзивен фронт.

May 21, 202152:27
Што е муабетот со претседателското суспензивно вето?

Што е муабетот со претседателското суспензивно вето?

„Претседателот Пендаровски не го потпиша Указот за прогласување на Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти“. Оваа вест одекна во македонските медиуми. Тоа значеше дека Претседателот практично не му даде зелено светло на Законот, кој народски се толкува како Закон за дивоградби.

Искористувајќи го таканареченото суспензивното вето, Претседателот го закочи законот да стапи на сила и го врати во собраниските кулоари на доработка.

Но, што е муабетот со суспензивното вето? Што претставува непотпишувањето на указот за прогласување на законот и каква е процедурата понатаму? Во подкастот на Радио МОФ зборуваме со правникот Вилдан Дрпљанин од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

May 21, 202105:53
Што е муабетот со судот во Стразбур?

Што е муабетот со судот во Стразбур?

Оставете ги македонските судови, за ова треба тужба во Стразбур! Колку пати досега сте ја слушнале оваа констатација? И колку е таа реална?

Пресуда поради повреда на слободата на изразување, пресуда за полициска бруталност и пресуда за прекршување на правото за фер судење. Ова, се само неколку реални примери од минатата година на добиени случаи кога македонски граѓани тужеле во Стразбур, односно во Европскиот суд за човекови права.

Во новиот подкаст Што е муабетот со судот во Стразбур, зборуваме со Јелена Ристиќ, адвокатка, заменик-претседател на адвокатската комора и поранешен правник во Европскиот суд.

May 11, 202106:21
Наместо образовна размена во странство, испрашувања во емиграциски центар

Наместо образовна размена во странство, испрашувања во емиграциски центар

Училиштата ширум светот повеќе од една година се празни или пак бараат начини како да се приспособат на пандемијата. Учениците не го доживуваат докрај средношколското искуство, туку само дел од него. Но, образовните размени низ Европа не застанаа.

По повод 9 мај – Денот на Европа, разговаравме со средношколката Елена Николовска од Прилеп која минатата година требаше да оди на образовна размена во Холандија, но заврши во емиграциски центар.

Во продолжение проследете го необичното искуство на младата Елена, за тоа со какви предизвици се соочи за време на размената, но и за тоа каква порака испраќа до нејзините врсниците.

Подкастот го подготвија Ивана Смилевска и Мартин Колоски.

May 09, 202112:55
Младите во Собранието - декор или носители на промени?

Младите во Собранието - декор или носители на промени?

Во една посојана атмосфера на партиски препукувања и несуштински дискусии, анкетите со години наназад покажуваат дека младите немаат висока доверба во Собранието како институција, а не се ниту заинтересирани да ја следат работата на нивните избраници или пак да се вклучат во работата на законодавниот дом со свои предлози и иницијативи.

Кои се причините за оваа состојба? Што е она што ги одбива младите од „домот на демократијата“? И дали тие во собранието се само декор или се трудат да направат доволно промени за да се смени овој лош имиџ?

На овие теми во емисијата Јасно и Гласно разговараме со дел од најмладите пратеници во овој собраниски состав - Моника Зајкова, пратеничка од Либерално Демократската партија и Јован Јаулески, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Apr 20, 202136:37